Кога новите градоначалници ќе ги довршат раскопаните улици што ги оставија старите?

Раскопувањето со цел да се покаже дека се реставрираат улици, асфалти, е карактеристично за буквално секој можен предизборен период. Особено кога се работи за локални избори, дотолку повеќе во главниот град: едноставно почнува еден натпревар меѓу градоначалниците кој повеќе ќе раскопа, ќе се разработи, ќе блокира улици…

Не беше исклучок ни овој пат. Станува хорор кога излегувате со автомобил оти секојдневно по некоја нова улица во Скопје е раскопана, и тамам сте помислиле дека сте нашле споредно патче од каде ќе се „пробиете“ до целта, веќе следното утро токму тоа почнува да се реставрира. Не ни останува ништо друго туку да почекаме и да сме трпеливи. Молкот почнува вечерва, но има неодговорени прашања, на кои сме сведочеле во други изборни циклуси:

-Раскопаните улици, кои ги почнаа градоначалниците во среде Центар, но и други делови од Скопје, ќе останат ли вакви и до кога – во случај актуелните да не станат идни градоначалници?
-Дали новите шефови на локални самоуправи ќе ги довршат проектите на нивните претходници, или ќе прават ревизии, нови тендери и слично, оставајќи ги граѓаните во сообраќаен хаос и безредие?

Социјалните мрежи се зовриени од секојдневни реакции на граѓаните кои отворено предложуваат, да се донесе законска одлука, пред избори да не смеат да се асфалтираат и реконструираат улици.

-Не добивате поени оти го раскопувате градот пред избори, туку гнев. Довербата и ветувањата се исполнуваат веднаш по денот на гласањето, а не последните недели пред истекот на мандатот, коментираат граѓаните.

Претходна вестГрадоначалникот на Кисела Вода како колегата од Бања Лука – ги собра клучевите од службените коли
Следна вестПосле 22 години, во сабота во МОБ повторно романтичниот балет „Жизел“