Што бидна со „кичмата“ во историската комисија?

Помина една недела и некако се подзаборавија немилите случувања во македонскиот дел од мешовитата македонско – бугарска комисија за историја. Дали поради презафатеност од кампањата, дали намерно, ама остана неодговорено прашањето – што навистина се случува во и околу македонскиот историски тим?

Таму имаше сериозни потреси. Универзитетскиот професор Ванчо Ѓорѓиев даде оставка, кажа дека заминува поради политички притисоци и ги повика колегите во комисијата да не ја „виткаат кичмата“.

Набргу по тоа се огласи Владата и кажа дека не вршела притисок. Петар Тодоров, како член на Комисијата нагласи дека ниту тој, ниту било кој друг член на Комисијата трпел некаков притисок од Министерството за надворешни работи, од Владата или од некоја политичка партија.

Можно е од Комисијата, но и од власта да сметаат дека со ова се апсолвира проблемот и се затвора. Но треба ли да е така?

Веќе излегуваат во јавноста и информации дека професорот кој си даде оставка добил закани од високиот функционер од МНР за кого беше наведено дека вршел притисоци врз комисијата. Сето ова станува пресериозно. Таа Комисија врши задача која е мошне чуствителна за Македонија и секакво напуштање на науката не е воопшто прифатливо. Всушност не е добро што таква комисија беше формирана од политиката, а сега политичарите нетрпеливо чекаа резултати од неа.

Да споменуваме ли дека претходното однесување на водечки македонски политичари околу историјата на Македонија укажува дека науката не им е јака страна?

Да сме на чисто, има или не политички притисоци во комисијата не треба да се остави да одговори времето! Одговорите треба да ги даде првиот човек на македонскиот дел од комисијата. Тој всушност транспарентно требаше веднаш да објасни што до сега се договарало и договорило со бугарските колеги. По тоа јасно ќе се видеше имало ли политички притисоци или немало и имало ли виткање кичма или немало. Но еве, иако се доцни, не е лошо и по изборите во недела, неоптеретени од дневната политика, да се даваат одговорите кои ги чека Македонија.

Претходна вестДа не е очајно ќе биде смешно: За 1.000 денари купуваат гласови во Македонска Каменица
Следна вестБројката на заразени никако да падне под 400, починаа 9 лица