Уште еден млад човек ја изгуби битката со Kовид -19. 16-годишно девојче од тетовско Сиричино, за кое викендов информираше директорката на Инфективната клиника – Милена Стевановиќ дека е хоспитализирано во тешка здравствена состојба, починало вчера утрото. Неофицијално, девојчето немало коморбидитети. Од министерството за здравство повеќе детали најавија за денеска.
Ова не е ниту прв ниту единствен случај млад човек да заврши трагично. За само една седмица е втор, откако претходно 17-годишно лице не успеа да се спаси. Но, и натаму посериозни анализи нема, единствен протокол за лекување нема, исчезна Комисијата за заразни болести која на почетокот на ковид кризата барем се појавуваше на прес конференции, мерките за справување со ширењето на вирусот и натаму се многу пати погрешни, го снема ниту министерот за здравство кој изминатите 20 дена го гледавме само на митинзи, како корона вирусот да е мртов и да е прогласен крај на пандемијата…
Во меѓувреме никој не работи на преземање конкретни и итни чекори, а според статистиката на битолскиот професор Дејан Трајковски (кој уште од почетокот на пандемијата прави статистички прогнози за развојот на заразата и сите се точни) 60 проценти од хоспитализираните со ковид подлегнуваат на болеста во болница. Ниту за ова нема темелно медицинско објаснување, додека властите се правдаат со образложението дека луѓето доцна доаѓаат во болница. Тогаш, барем нешто да направеа околу тоа да не се јавуваат доцна.
Инаку минатата недела најголем раст на новозаболени имало кај населението од 20 до 29 години.