Уште еден случај на бившото СЈО влегува во судница

Основниот кривичен суд Скопје денеска соопшти е одобрено обвинението за „Поштенска банка“, кој согласно АКМИС – системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија.

Во случајот обвинети се девет лица меѓу кои Коле Смилевски, бизнисменот од Гевгелија, Томе Главчев и бизнисменот и ексградоначалник на Кочани, Ратко Димитровски. Кривичните дела опфатени со обвинението се злоупотреба на службената положба и овластувања, како и за перење пари.

Истрагата за „Поштенска банка“ беше отворена на 13 ноември 2018, а обвинението беше поднесено на 15 декември 2020. Случајот го отвори СЈО, а по згаснувањето тој заврши под надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Кога СЈО ја отвори истрагата во 2018 година, како осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување ги спомена и поранешни високи функционери односно експремиерот Љубчо Георгиевски, вицепремиерот Марјан Ѓорчев и Никола Груевски, како министер за финансии во владата на Георгиевски. Меѓутоа, како што нагласија тогаш од СЈО, тие не се гонат поради застарување на делото.

Претходна вестНапролет ќе се обновува пистата на скопскиот аеродром
Следна вестБројот на приговори порасна на 23: Оспорени места во Старо Нагоричане, Кочани, Шуто Оризари, Конче, Пробиштип, Брвеница…