Од досега обработените податоци од спроведениот скрининг во основните и средните училишта во првите денови, од тестирани 1 323 ученици во средни и основни училишта на подрачјето на Кочани, Штип, Велес, Скопје, Куманово, Прилеп, Битола, Струмица, Тетово и Охрид (725 се основци, а 598 се средношколци) , шест ученици основци биле позитивни на ковид-19.
Од Министерството за здравство велат дека ЦЈЗ при детектирање на позитивен ученик, постапуваат согласно донесениот Алгоритам за училиштата во случај на појава на ученик со симптоми или сомнителен на вирусот.
За поголем дел од Центрите за јавно здравје скринингот завршува утре, а крајните резултати Центрите мора да ги испратат најдоцна до средината од следната седмица. По обработката на податоците Министерството за здравство ќе ја објави целосната анализа со што ќе се добие генерална слика за присуство на вирусот ковид-19 меѓу учениците во училиштата. Скринингот го вршат Центрите за јавно здравје во 496 средни и основни училишта на територија на цела држава.
Министерството за здравство информира дека во моментов во државава 885 деца на возраст од 0 до 17 години се активни случаи.
На Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле хоспитализирани се 19 деца на возраст од 9-16 години. Еден пациент е на кислородна поддршка, а сите останати се со лесна клиничка слика. Ниту едно од хоспитализираните деца не е вакцинирано.
Според податоците од националниот систем Мој Термин досега во земјата 5.800 деца на возраст од 12,13,14,15,16 и 17 години примиле една доза вакцина за ковид-19, а ревакцинирани се 4.860 малолетници.
Она што збунува во целата оваа информација е односот на бројот на активни случаи и откриени случаи при скринингот. Ако бројката на активни случаи кај децата е 885, а има само шест откриени кај основците (и ниту едно кај средношколците) дали ова значи дека остатите деца акттивни случаи се во претшколска возраст?