Богдановиќ ја остава општина Центар во плус од 90 милиони денари

Задоволство од тоа што ја остава општина Центар со позитивна сметка и ветување дека нема да дозволи нејзина нова бетонизација искажаа денеска Саша Богдановиќ и Горан Герасимовски, досегашниот и новиот градоначалник на скопската општина Центар. На денешното примопредавање на должноста тие посочија дека Центар ќе стане општина со која граѓаните ќе бидат задоволни. Богдановиќ истовремено го запознал Герасимовски со тековните состојби во општината.

-Се надевам дека и во периодот што следи, новиот градоначалник и новиот Совет ќе работат во интерес на граѓаните. Сите обврски кон доверителите се расчистени, исплатена е катната гаража „Судска палата“, наплатени се побарувања во износ од над 2 милиони евра по разни основи и ја оставаме сметката на Општина Центар со позитивен биланс од над 90 милиони денари, пишува во објавата на својот профил на Фејсбук Богдановиќ.

Герасимовски, пак, во објавата на својот профил на оваа социјална мрежа наведе дека тој и неговиот тим имааат јасна цел и конкретни проекти за Центар да стане општина на задоволни и среќни граѓани.

-Во следниот период ќе работиме на решавање на првите три клучни проблеми во општината – хигиената, обезбедување слободни паркинг места и урбано градење, а потоа ќе ги реализираме сите останати во нашата програма. Центар заслужено ќе стане срцето на градот. Ветувам дека нашата општина ќе биде зелена, чиста и со резидентни паркинг-места за станарите и дека нема да отстапам од злоупотреба на државното земјиште за нова бетонизација на општината, објави новиот градоначалникот на Центар.

 

Претходна вестЈакимовски ја враќа одлуката во градинките во Карпош да се запишуваат само деца од оваа општина
Следна вестВелешанец тешко повреден додека работел на изградба на трговски центар во Скопје