Потврда за формирање на ново мнозинство во парламентот, пред еден час соопшти и лидерот на „Левица“ преку Фејсбук.
-Со еден политички потег, ги кутнавме оние кои ни ги избркаа родителите од фабриките и кои Македонија ја претворија во башибозук, напишал Апасиев.
По таа објава тој го споделил и партиското соопштение за истиот повод кое ви го пренесуваме во целост:
-Крај на заевизмот – ДУИ конечно во опозиција!
Денес на координативна средба политичките партии – Лeвица, ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Алтернатива и Беса договорија пад на Владата на СДСМ-ДУИ.
Конечно после 20 години ДУИ оди во опозиција!
Со обезбедување на потребното мнозинство во Собранието на Република Македонија, загарантирано е распуштање на Владата преку гласање на недоверба – во случај Зоран Заев да не ја поднесе својата оставка.
Овој договор, во ниеден случај, не значи коалицирање, и е со единствена цел – да се урне хибридниот режим на ДУИ и СДСМ.
Левица и понатаму, односно и на идните парламентарни избори, ќе настапува самостојно – како единствен политички претставник на македонската угнетена класа.
За идните избори и тоа кој и како ќе ги организира, претстојат понатамошни преговори во рамки на новото мнозинство, стои во соопштението.
Инаку, како што се дознава новото мнозинство има 61 пратеник, со тенденција била да се стигне до 64 народни избраници.