Празник посветен на големиот светител Свети Димитиј кој истовремено го симболизира и крајот на летниот и почеток на зимскиот период во годината одбележуваат денеска православните христијански верници во Македонија. Митровден секогаш се слави на 8 ноември, а во семејствата на верниците се прославува на традиционален начин.
Свети Димитриј се родил во Солун, во третиот век. Бил син единец на солунскиот војвода. По смртта на татко му, цезарот Максимијан го поставил Димитриј на истото место и посебно му препорачал да ги гони христијаните. Меѓутоа, Димитриј не само што не ги гонел, туку и јавно ја исповедал и проповедал верата во воскреснатиот Христос. Штом слушнал за тоа, цезарот, враќајќи се од еден поход, свратил во Солун, за да ја испита работата. Го повикал Димитриј, кој не ја одрекувал својата вера и дури и го убедувал цезарот во бесмисленоста на идолопоклонството. Максимијан се разгневил и го фрлил Димитриј во затвор, а по неколку дена и го погубил. Некои христијани го земале неговото тело и чесно го погребале. На тоа место подоцна била подигната црквичка, а после и голема црква, која до ден денес се наоѓа во Солун. Таму се сместени и неговите мироточиви мошти.
Освен вообичаениот обичај на носење леб и вино в црква (каде се осветува лебот), празникот се одбележува во семејството и за него не се поврзани некои посебни обичаи или обреди. Вечерта пред празникот се прави „заслуг“ (од заслужување) или „кана“ (од канење), при што поблиските се канат со лепче или со некој друг предмет. На денот на славата се дава ручек на кој се служат мрсни јадења, освен ако прзникот падне во ден кога се пости. Исто така, на гости се оди и следниот ден, претпладне. Инаку, сите луѓе кои се викаат Димитар, Димитрија, Диме, Митре или некоја друга варијанта, на овој ден слават именден, кој се прави навечер.
Според народното верување ако на Митровден е облачно време, не чека топла зима. Но, ако е ведро, зимата што претстои ќе биде сурова и студена.