На шестмесечна затворска казна е осуден Зоран Милески – Кичеец за сообраќајката кај Стража во септември годинава во која едно лице го загуби животот, а седуммина беа повредени. Ваквата пресуда била донесена откако Милески, кој е осуден во познатиот случај „Рекет“, се спогодил со Јавното обвинителство од Гостивар, а судија на претходна постапка ја прифатил спогодбата.
Според информациите од гостиварското ЈО обвинетиот ја признал вината и изразил каење по што била прифатена спогодбата. Обвинителството сметало и тоа дека сообраќајката Кичеец, кој во тој момент претекнувал на полна линија, ја сторил од „небрежност“.
На ваква пресуда, реагира познатата скопска адвокатка Сузана Јошевска – Атанасовска која во објавата на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека ваквите дела не можат да се сметат дека се сторени од „небрежност“.
– Претекнување на полна лента и предизвикување директен судир е дивеење, тоа е евентуална умисла. Не е и не може да биде небрежност. Небрежност би било на пример, претекнување на испрекината лента, со почитување на сите сообраќајни прописи, но со лоша проценка за сообраќајната ситуација и со тоа предизвикување последица. Разликата е во свесното прекршување правила!, реагира таа.
Таа додаде дека како отежителна околност требало да се земе и тоа дека имало седум повредени лица, дека извршил злоупотреба на дозвола за лекување и дека воопшто не требало да вози кола и слично.