Колумна на Габриела Арсова:
Редовно патувам на релацијата Берово – Скопје. Долга релација, релативно напорна за возење. Пуштањето во употреба на новата делница на автопатот Куманово – Штип, нам на Истокот, ни дојде некако како мелем. Покусо растојание за совладување, полесен пат за возење и се разбира 20-тина минути ќарени во еден правец. Убавини… Но, како рекле, се што е убаво кратко трае. Така бидна и со нашиот благодет од покомфорното и побрзо патување.
Во последно време е поприлично комплицирано. Раскопано, прашливо, се вози во една лента… И зошто? Епа зошто се прават наплатни рампи. Новата делница, онаа брзата, лесната за возење ќе биде закитена со две нови наплатни рампи – по една на секои 20 км. Ни помалку, ни повеќе – вкупно 3 на делницата Штип – Скопје. Е биде! како би рекле тука на Истокот. Ќарените минутки сега ќе ги потрошиме на тргни – застани по патарините. Само што ќе тргнеш и ОП патаринка. Можеби и немаше да ги приметиме да го немавме благодетот година – две да возиме онака човечки. Без застанувања. А сега лека полека видливо е усложнувањето.
Природно се поставува прашањето – што добивме со автопатското удобството кога застанувањето по наплатни рампи го ништи удобството?! Ем нервози, ем исто или продолжено време на патување. Нелогично нели? Логично или не – носи непријатни последици!
Е, ама треба и да се плати… Нека. И тоа е во ред. Да се плати. Многу се пишуваше за цената на патарината на оваа делница. Висока ќе била. Плус патување во два правци. Не се сеќавам дали прочитав некаде за евентуалните последици, но затоа добро ги знам коментарите кои често се слушаат во опкружувањето. Со високи патарини и работа во Скопје подобро е да се живее во Скопје. Толку по основ на висината на цената!
Како бизнисот реагира на ова? Одлично! Патарини за да се донесат репроматеријали, патарини да се разнесе стоката, патарини за состаноци, патарини за губење драгоцено време, патарини безмилосно високи за оние кои секојдневно мораат да се движат! Нели, како додаток на се друго!
А се размислило ли некогаш за решение налик на винетки? Дневни, месечни, викенд, годишни? Во функција на брзо, конфорно, со минимален стрес патување? Притоа сообразено со пазарната економија. И нели е нелогично и некоректно да нема пазарно економски момент во цената за движењето… и причината за движењето?! Како реагира бизнисот? Како ќе реагира бизнисот? Се гледа! И допрва ќе се види! И во однос на загубата на време, и во однос на загубата на пари.
Во ова време невреме кога не се знае на каде одат работите, кога како велат не се знае денот што носи, можеби е вистинското време за решавање на овоземските проблеми?! За автопатишта без наплатни рампи? За пазарно издржано плаќање на користењето патишта? За авансно полнење на буџетот пред користење услуга со винетки или нешто налик?
И да… Успех во деновите што следат!