По долго пимплање најавено е дека се наѕира нова владина коалиција. Имено, премиерот во оставка Зоран Заев и лидер на досега опозиционата партија Алтернатива Африм Гаши вчера постигнале начелна согласност за влегување на оваа партија во Владата.
Иако Гаши тврдеше до пред 20-тина дена дека владата на СДСМ и ДУИ мора да падне, сега ете соопштено е дека програмскиот дел на новата коалиција бил усогласен.
Но, тоа не е се. Рано е за Владата да почне да функционира. Сега се најавуваат нови поседенки на овие двајца политичари за да се започнувало со кадровските решенија…
Кога сето ова ќе заврши и кога ќе се екипира Владата не е познато. Исто како што не се знае кој ќе ја предводи подновената Влада – Заев или некој нов мандатар.
За потсетување: Серијалот наречен екипирање на Владата почна пред речиси три недели со опозициското собирање на пратенички потписи за изгласување на недоверба на Владата, а меѓу кои се најдоа и оние на четирите пратеника на Алтернатива. По неуспехот на иницијативата поради „премислувањето“ на еден пратеник на Беса, Алтернативата брзо се престрои и нејзиниот лидер експерсно најави влегување во владината коалиција. Потоа следеше прва средба со Заев, па втора, па седница на партиското Претседателство… Сега сигурно ќе следат и нови и нови средби за да се види дали ќе одговараат кадровските решенија…
И цело време ќе се кажува дека оваа сапунска серија се прави за доброто на Македонија. Голем дел од населението следи серии, дали и се допаѓа и оваа, ќе каже на избори.