Колумна на Никола Тасев:
Човек без енергија е половина човек – му велеше дедо ми на комшијата кој го запоставуваше дворот. Комшијата му објаснуваше дека нема енергија, а дедо ми му враќаше – најди ја, создај ја, без тоа ќе пропаѓаш уште повеќе. Овој муабет ми остана во трајно сеќавање. Сега се навраќам на тоа бидејќи во Македонија снемува енергија. Море ја дрма енергетска криза…
Ама наместо да се најде или создаде енергија, оние кои се најодговорни за тоа се занимаваат со тоа што Македонија пак ја дрма политичка криза. Во Европа каде што исто така има енергетска криза се купува гас, се прават централи, а кај нас се купуваат и (само)киднапираат пратеници, се состанува ново мнозинство, се чека најавената оставка на премиерот до Собранието… Со енергетската криза, Владата нема време да се занимава. Не е ништо страшно, смируваат министрите, ќе има струја доволно за сите. Ќе има, тоа е јасно, но по која цена?
Државата ја преживува една од најтешките енергетски кризи, струја има се помалку, мора да се увезува па дури и да се краде преку упади во европскиот енергетски систем. Зошто дојде до ова и што надлежните од енергетскиот сектор преземаат? Дали можеби надлежните снемаа енергија како комшијата на дедо ми, ама нема кој да им подвикне?
Воведоа кризна енергетска состојба, за да можат да пренасочат 65 милиони евра од буџетот кон енергетските компании, за покривање на штетите, па објавија неуспешни тендери за набавка на јаглен и на крај ги сменија директорите на РЕК Битола и РЕК Осломеј. И толку! Мислат дека со овие чекори работата е завршена и кризата надмината. И со Ковид – пандемијата така се однесуваат. Чекаат кризата сама да си отиде. Па зарем сме слепи за да не видиме дека главниот проблем не е кај директорите на централите, туку во енергетските ресори во Владата, во тие што навреме не ја предвидоа кризата и не преземаа мерки за нејзино превенирање.
И сега кога кризата е тука – нема бегање, мора да се бараат и краткорочни решенија, но и да се одлучи веднаш која е стратегијата за долгорочно решавање на овој проблем.
Ако правецот се гледа кон хидроцентралите, веднаш да почне реализацијата на Чебрен и Галиште и многу мали централи. Се најавуваат и распишуваат тендери со децении, а има и голем интерес од светски компании за учество во изградбата по принципот приватно – јавно партнерство или за концесија, но никако да тргне работата.
Ако пак иднината ја гледаме во зелената енергија, уште во буџет за следната година, мораше да се предвидат огромни средства за ова. И плус да се бараат пари од разни европски фондови.
А со гасот што направивме? Нели пред пет години ни ветуваа гас во секое домаќинство и гасификација на стопанството. Ако тоа е стратегијата, тогаш што се чека? Проектот Александропулос до каде е? Или и тука само на убави најави ќе останеме.
Стабилноста на државите, развојот и нивната независност во многу зависи и од способноста за одржување на стабилна енергетска ситуација. Србија им држи лекции на нашите како тоа се прави.
Но кај нас се чини проблемот е дека луѓето кои треба да го решат проблемот со енергијата немаат енергија. Е, прашање е може ли на нив да им се даде сила или треба нови луѓе со енергија?