Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур го одби барањето на адвокатскиот тим на Орце Камчев, на државата да и се изрече времена мерка со која тој ќе биде во домашен притвор и ќе му биде извршен медицински преглед од кардиолог поради неговата влошена здравствена состојба.
Ова значи дека ЕСЧП одбил да и наложи на државата да го пушти Камчев во домашен притвор и да му бидат извршени прегледи од кардиолог.
Адвокатскиот тим на Камчев, претходно во неколку наврати алармираше дека имаат медицински белешки од кардиолози од земјава и странство, кои укажуваат дека тој спаѓа во група на пациенти со висок ризик од смрт поради кардиоваскуларни проблеми. Врз основа на тие белешки, одбраната на Камчев, го поднела и барање пред ЕСЧП.
Камчев веќе неколку месеци е во притвор како обвинет во случајот „Плацовите на Водно“, кој се наоѓа во доказна постапка.