Колумна на Ана Петровска:
Зимава веќе значително се покачија концентрациите на ПМ10 честичките во воздухот, што се должи на емисиите од согорување на фосилни горива (петрол-кокс, мазут, нафта) во индустријата и институциите (вклучително и во болниците), горењето неквалитетно и нестандардно гориво во домаќинствата, емисиите од сообраќајот, градежништвото и несоодветното постапување со отпадот.
Борбата со загадувањето на воздухот бара примена на системски мерки и соработка помеѓу надлежните министерства, инспекторати и органите што се одговорни за управувањето со кризи. Затоа е неопходно итно да се изработи План за квалитет на воздухот и Краткорочен акционен план, согласно новиот Закон за квалитет на амбиентниот воздух. Со овие планови потребно е да се утврдат и преземат мерки за спречување на надминувањето на граничните вредности на загадувачки материи (во прв ред ПМ10), односно за значително скратување на периодите кога се надминати овие гранични вредности.
Со новиот Закон за квалитет на амбиениот воздух на градоначалникот му се дава овластување веднаш откако ќе настапи надминувањето на прагот за алармирање да ги применува креткорочните мерки од акцискиот план што е претходно одобрен од Министерот за животна средина и просторно планирање и консултиран со засегнатите страни. Мерките опфаќаат реорганизирање на работата на инспекциските служби, ограничување или забрана на работата на загадувачите (индустриските капацитети, градежните работи и домашното загревање), воведување соодветен сообраќаен режим и спроведување мерки за заштита на чувствителните групи на население, вклучувајќи ги и децата. За спроведување на овие мерки градоначалникот добива “одврзани раце” од Владата и треба да соработува со министерот за животна средина, министерот за здравство, министерот за внатрешни работи, министерот за економија, центарот за управување со кризи и други надлежни органи и инспекторати (државниот инспекторат за животна средина, државниот комунален инспекторат, државниот пазарен инспекторат и државниот инспекторат за труд). Контролите треба да опфатат вонредни мерења на емисиите од оџаците на инсталациите, занаетчиските постројќи, болниците и домаќинствата. Со законските измени веќе не е можно префрлањето на надлежностите.
За интензивирање на системските мерки за намалување на загадувањето на воздухот Градот Скопје треба итно да формира координативно тело, да ги изработи плановите за квалитет на воздух и краткорочни мерки и да ги интензивира координираните и соодветно испланираните инспекциски контроли.