Денеска и вчера Заедничката мултидсциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања ја одржа 16-тата редовна средба на која биле дискутирани неколку прашања важни за работата на Комисијата, информираат од таму.
-Во текот на два дена членовите на Комисијата повторно дискутираа по забелешките за учебниците по историја. Остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата. Пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страната во Комисијата и од тука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап, стои во соопштението.
-По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка, се додава во напишаното.
Од таму информираат дека во текот на двата дена членовите на Комисијата работеле и на усогласување на содржината на записниците од минатите средби, а бил договорен датумот и за следната средба која ќе се одржи на 24 и 25 февруари следната година.