Источниот сосед на Македонија конечно направи влада, но позициите кон нашата земја, уште веднаш нагласија дека нема да бидат променети. Барем не за сега, како што рече и новата министерка за надворешни работи Теодора Генчовска. Во врска со денешниот ден кога треба да се слушне и пораката од Брисел, тоа практично значи запечатено бугарско вето за Македонија.
Она што интригира е пораката на новиот бугарски премиер Кирил Петков. Во неговото прво интервју како претседател на владата вели дека „главен фокус и иден приоритет на министерката ќе биде развивање на дијалогот со Македонија и формирање на работните групи“. Петков смета дека „што поскоро треба да се сретнат со македонските власти, затоа што вели дека нема веќе време за губење.
Aко на ова се надодаде изјавата на Артан Груби дека „одговориле на барањата на Бугарија“ практично значи дека теренот за потпишување на нов договор е подготвен. Проблем е само што македонските граѓани немаат ни идеја што се подготвува?! Процесот на т.н. преговори со Бугарија во последно време го споменуваат само функционерите од албанскиот политички блок, иако останува нетранспарентен, со само нафрлени пораки што никој не ги разбира.
Што се однесува до денешниот ден, Брисел, односно дел од ЕУ-членките, не даваат поддршка за одвојување на Македонија и Албанија од пакетот за отпочнување на преговорите, барем според брифинзите на Македонската информативна агенција од Брисел. Сепак останува денот да ги донесе пораките.
Што се однесува до Бугарија и потпишувањето на евентуален нов капитулантски договор, опозициската ВМРО ДПМНЕ викендов ја промовираше новата доктрина на партијата. Во неа е нагласено дека приоритетот на партијата е семакедонско обединување, без разлика на партиска, етничка и друга припадност на сите граѓани во насока на заштита и недопирање на македонските национални вредности и обележја.
Во меѓувреме, македонските функционери во власта се уште имаат шанса искрено и јасно да им објаснат на граѓаните што точно преговараат со Бугарија и какви одговори на црвените линии им испратиле на нивните колеги во Софија.