Локалитетот Крст во Кучково добива амфитеатар, пешачки патеки, канделабри, хортикултурно уредување, а за Ѓорче Петров се набавува и комунално возило за зимско одржување улици и патишта во општинските средини.
Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, и министерот за финансии, Фатмир Бесими, го потпишаа договорот за реализација на проектот. Целта со уредувањето на локалитетот во Кучково е да стане место што ќе може да се користи за едукативни и културни настани, но и за туристички цели.
Со проектот ќе се уреди простор од 5.456 квадратни, ќе има партерно уредување, ќе се изгради амфитеатар, платформи, ќе има монтажни тоалети, нови пешачки патеки и адаптација на постојната, ќе се постават канделабри за осветление, урбана опрема сосе велосипедски паркинзи.
Средствата за набавката на возилото и уредувањето на Кучково се дел од неповратен грант финансиран од Светската банка.