Образованието во Македонија е на ниски гранки. Реформите кои ги наметна министерката Мила Царовска не го решаваат проблемот, напротив… Решение за сега не се бара.
А пред некој ден актуелната министерка за образование и наука истакна нема да биде во составот на новата македонска Влада која што треба да ја предложи новоназначен мандатар.
-Донесов одлука да не учествувам во новата Владата со новиот мандатар. Во изминатите пет години заедно со мојот тим навистина испорачавме политики во интерес на граѓаните, соопшти денеска Царовска.
Повлекување од министерската функција во новиот состав на Владата во петокот најави и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, а во составот нема да биде ниту министерот за здравство Венко Филипче.
До самоповлекување на Царовска доаѓа откако анализите од неодамнешните локални избори на кои социјалдемократите доживеаја убедлив пораз покажаа дека тој се должеше и на грешките и промашувањата посебно на двајца министри – за здравство Венко Филипче и за образование Мила Царовска. По повлекувањето на Филипче, беше дилема дали истото ќе го стори и Царовска чиј ресор и натаму останува во рацете на СДСМ. Таа неодамна изјави дека е задоволна од спроведувањето на новата Концепција за основно образование.
–Како министерка, јас сум задоволна од имплементацијата на Концепцијата за основно образование. Задоволството го гледам и кај наставниците, рече Царовска.
Но, токму тоа е прашањето: како и дали ќе продолжат започнатите реформи во времето на мандатот на Царовска. Концепцијата за основно образование беше донесена во март оваа година и почна да се спроведува од септември со нови наставни програми во прво и четврто одделение.
За потсетување: кога се отвори јавната расправа за предложените промени имаше големи реакции во јавноста. Револтот и отпорот на голем број граѓани – родители на учениците е поради тоа што Царовска најави укинување на посебните предмети Историја и Географија, консултирање само на тесен круг на истомисленици, игнорирање на мислењата на цела низа на образовните институции… па се до најавите за воведување на дигиталните и замена на печатените учебници за учениците. Сето ова предизвика самоорганизирање на граѓаните, протести, реакции на кои Царовска не обрнуваше внимание. Таа не обрнуваше внимание ниту на фактот дека скоро сите релевантни институции во Македонија рекоа дека реформата треба да се стопира и повторно осмисли.