Решавањето на проблемот со бугарското вето за деблокирање на македонската евоинтеграција се најде во „лер“ позиција. Откако се формира нова бугарска влада се очекуваат нови бранови на преговори – најверојатно по новогодишно-божикните празници. Кој ќе преговара од македонска страна?
Во наредниве две-три недели не може да се очекува некакво ставање „во брзина“ на преговорите, но времето, можеби ќе се искористи за формирање на преговарачки тимови. Во Софија се подготват за надоградување на преговарачкиот процес како што тоа го предложи новиот бугарски премиер Кирил Петков. Односно, за екипирање на работните групи, за конципирање на темите со кои ќе се одбегне да се разговара само за историските прашања, туку и за економијата, сообраќајот, културата… Брзо потоа и ќе се определи брзината на преговарањето: дали да се брза, како што посакуваат нашите владини претставници, или не, како што тоа деновива побара шефот на државата Стево Пендаровски.
Но, истовремено, овој период треба да се расчисти и со дилемата дали во новоконципираниот процес има место и за досегашниот специјален претставник на нашата Влада за Бугарија Владо Бучковски. Нему, на почетокот на декември, му беше обновем истечениот едногодишен мандат на кој го постави тогашниот премиер Зоран Заев со цел да биде „мотиварот“ на реализација на договорот. Меѓутоа, Заев си заминува, а и ефектите на ангажманот на Бучковски беа скромни, додека за голем дел од македонската јавност дури и контрапродуктивни ако се земаат за темел македонските црвени линии.
Концептот на преговарањето веќе не оди кон лични контакти и решавање во тесен круг на луѓе. Ориентација преговорите да се водат во повеќе работни групи и во повеќе области е сосема поинаква од онаа која го испрати Бучковски како специјален претставник.