Македонија има премногу функционери кои се скапи, а нивното работење не се многу забележува. Затоа одамна јавноста бара барем бројот на функционери да се намали.
Деновиве идејата за намалување на бројот на пратениците во македонскиот парламент почна да ја бранува јавноста. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ предложи нивната бројка од 120 да се намали на 90.
-Тоа е потребно за функционална демократија и намалување на финансиските трошоци. За бројот колку што ќе се намали македонското Собрание, 30 пратеници, граѓаните месечно плаќаат по 51.000 евра по основ на плати и придонеси, а 612 илјади евра годишно. Заедно со патните трошоци државата годишно инкасира скоро еден милион евра. За заштедените еден милион евра државата може да набави над 15 амбулантни возила и 10 противпожарни возила, соопшти оваа партија која повика и на дебата за оваа прашање.
Дебатата која ќе се поведе во наредниот период ќе покаже дали оваа идеја е прифатлива или не за другите партии. Засега е јасно само дека сите силно сакаат да се вгнездат во парламентот каде има фини привилегии, плати…
Инаку, за споредба, во Словенија, која има население слично како и Македонија, народната волја во парламентот ја пренесуваат 90 пратеници. А знаеме дека таа држава е пофункционална и побогата од Македонија.
Туку, кај нас преголем е и бројот на советниците во општините и во Градот Скопје кои се избираат на локалните избори. Искуствата покажаа дека тие се и многу и дека се скапи. Нивната сегашна бројност во Советите е определна со закон кој предвидува општините до 5.000 жители да имаат 9 члена, оние до 40.000 да имаат 19… оние до 100.000 31, над сто илјади жители – 33, а Градот Скопје – 45 советника. На нивното конто, на пример, само во Скопје во 2019 година се исплатени вкупно 816,153 евра, а така сигурно било и лани. Најмногу, како што покажала анализата што ја направил Центарот за граѓански комуникации, месечно биле плаќани 45-те советници од Советот на Градот Скопје – по 24.276 денари, а потоа оние од општина Чаир – 17.184 денари, па од Аеродром, Гази Баба и Карпош – 16.993… А така е и во други македонски општини. Вкупната сума која годишно има се исплатува на 1319 советници во сите македонски општини годишно изнесува 3,5 милиони евра.
Зошто ни се толку советници?
Со идеите за намалување на бројот на пратениците добро е да се разгледаат и идеите за намалување на бројот на советниците.