Што чекаат надлежните: Манастирот во Матејче одново вандализиран

Одново е оштетен и вандализиран православниот манастир Успение на Пресвета Богородица во селото Матејче, кумановско. Случајот до полицијата го пријавила надлежната Кумановско – осоговската епархија.

– Подолго време е цел на вандализам и кражби. Во изминатите денови, целосно е откриен и украден оловниот кров, со што храмот, целосно е препуштен на надворешните атмосферски влијанија, истиот е во опасност да биде неповратно уништен. Манастирот Успение на Пресвета Богородица во селото Матејче е прогласен за споменик на културата во опасност, и потребна е итна интервенција од страна на стручните служби во Министерството за култура, стои во соопштението на епархијата.

Ова не е за првпат да се оштетува ова православно светилиште. Тоа посебно настрада во воениот конфликт во 2001 година кога беше значително разурнато од страна на припадниците на тогашната УЧК. По крајот на конфликтот, благодарение на некои донации, состојбата во манастирот малку е подобрена, но не целосно.

Кумановско-осоговската епархија поднесе барање за итно интервенирање до Министерството за Култура, Управата за заштита на културното наследство и Националниот конзерваторски центар.

– Во координација со сите институции во државата кои имаат ингеренции за спроведување на законите и владеење на правото, се надеваме дека ќе успееме да го зачуваме Манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матејче од негово неповратно уништување, стои во соопштението.

Случајот го потври и кумановската полиција.

– На 31.01.2022 во 10.45 часот во СВР Куманово било пријавено дека во црква во село Матејче било извршено оштетување на кровната конструкција и биле одземени предмети. Екипа од СВР Куманово извршила увид на место на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од кумановската полиција.

Претходна вестПетличковски ќе го замени Караџовски на чело на Комисијата за заразни болести
Следна вестКонечно институциите се растрча околу безбедноста на пешаците, ќе бидат ли темелни?