Поставување на нови семафори со прекинувачи за најава на пешаци на крстосници, подобро обележување на пешачките премини, како и поголемо санкционирање на возачите кои не ги пропуштаат пешаците на пешачките премини, се начини на кои надлежните деновиве се обидуваат да ја подобрат безбедноста во сообраќајот. Активностите на градските власти на Скопје и на полицијата доаѓаат по неколку сообраќајни несреќи во кои загинаа и тешко беа повредени неколку пешаци, а од кои најтешка беше онаа кај Сити мол.
Град Скопје денеска соопшти дека деновиве се пуштени во употреба нови семафори со прекинувачи за најава на пешаци на крстосница на улица „Скупи“ со улицата која води кон населбата Бардовци.
-Поставен е и нов семафорски столб на крстосница помеѓу бул. „8 Септември“ и улица „Скупи“, а на повеќе крстосници со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ се поставени бројчаници на семафорите. Монтирани се и нови лантерни на семафорите на крстосницата бул. „Србија“ со бул. „Трета македонска бригада“, извршена е санација на оштетените светлосни заштитни столпчиња по должината на улицата „Никола Карев“, а санирана е и заштитната ограда на булеварот „Метрополит Теодосиј Гологанов“, на кружниот тек кај Католичка црква, соопштија градските власти.
Од друга страна, полицијата вчера казни вкупно 181 возач во земјава, од кои на територијата на Скопје 110, поради непропуштање на пешаците на пешачки премин односно, непочитување на обврските како возачи. Но, полицијата ги казнувала и пешаците кои не ги почитувале сообраќајните правила.
-Само на територија на Скопје се изречени и 46 санкции за пешаци кои не поминувале на пешачки премин. Ќе продолжиме со ваквите акциски контроли. Апелираме до возачите секогаш да ги пропуштаат пешаците, апелираме и до пешаците да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи затоа што непочитувањето на сообраќајните правила ќе биде санкционирано. Сите заеднички, со почитување на правилата, мора да придонесеме за побезбедни сообраќајници, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.
Вакви акции со казнување на несовесните возачи и пешаци МВР имаше и во изминативе денови.
Но, несреќите не запираат. Вчера, на бул.„Александар Македонски“ во Скопје, патничко возило „Фолксваген поло“, со скопски регистарски ознаки, уравувано од Ф.Р.(62) од с.Идризово, скопско, удрило во пешакот А.Ѓ.(58) од Скопје и кој е тешко повреден. Сето ова кажува дека се потребни уште многу напори и мерки за да се подобри безбедноста во скопскиот сообраќај.