Колумна на Никола Тасев:
Во многу држави Ковид рестрикциите се олабавуваат, во некои и се укинуваат. Таму, наголемо и нашироко се анализира и се дискутира. Кај нас ниту се анализира, ниту се дискутира – само се слуша и чита што велат и што напишале странците. Полесно е така!
Затоа ич не ми е јасно зошто требаше нов претседател и нови членови на Комисијата за заразни болести, кога и новиве само читаат и спроведуваат. Тоа го правеше и досегашниот претседател. Нам, не ни треба цела Комисија – потребен ни е само еден човек што знае да чита и да пренесува што кажале за заштитата од Ковид во СЗО или што анализирале некои агенции во Америка.
Го прашав вчера син ми како му е во училиште со маската, дали може за време на часот барем малку да ја спушти. Не, ми рече, не е дозволено, а тешко ми е оти не можам нормално да дишам. Туку одговори ми, ме праша, зошто мора да носиме маски, ако сите наставници се вакцинирани, а на учениците им мерат температура и не пуштаат болни деца?
Немав одговор на ова прашање од мојот третооделенец. Но страшно е што одговор немаат ниту надлежните. Не знаат ниту министерот за образование, ниту тој за здравство колку ученици се заразени, колкав е процентот на инфекција и какви се последиците. Впрочем и тие не знаат зошто учениците мора да носат маски, ама така виделе и слушнале од странство.
А им текнало ли во Комисијата или во Владата да испратат еден од нив во некое училиште и пет – шест часа да седи во клупа со маска на лице. Нека почувствува како им е на учениците, па нека поднесе извештај до колегите. Но на „комесарите” и на министрите поубаво им е да си седат во Владата. Таму не се носат маски.
Да се разбереме, не сум против заштита и против мерки, но тие треба да се издржани, спроведливи и правични – да важат за сите. Не можам да сфатам: учениците мора да носат маски, а министрите во Владата – не. Комисијата е надлежна само за учениците ли? Или за министрите има друга некоја комисија, непозната за јавноста. Не можам да сфатам и како учениците цел ден треба да се маскирани, а возрасните смеат да се дружат во ресторани без маски.
Ако веќе има опасност од зараза во училиштата, зошто барем за овие два месеца не се организираше онлајн настава. Или постои страв дека некој ќе се сети да праша што е со прескапо платената апликација за онлајн, која никогаш не профункционира.
Неспорно е дека против пандемијата мора да се бориме, но тоа не смее да ги занемари психичките последици, особено кај децата. Побара ли Комисијата анализа од психолог – што значи носењето маски и обезличувањето за развојот на децата. Се создава ли нова генерација на деца без лица, со затворени усти, принудени на послушност и покорност кон системот. Им се убива ли на децата социјализацијата, комуникацијата, игрите со другарчињата, општествениот развој…
А сите се “тепаат во гради” дека децата треба да се развиваат како слободоумни, креативни, разбрани, затоа што тие се иднината на Македонија. Но маскирањето и обезличувањето е директен удар во нивното нормално созревање. Утре, тие деца треба да бидат наставници, научници, судии, министри, а пред се родители…
Пак ќе повторам, против пандемијата треба да се бориме, но мора да водиме сметка кога нашите деца се во прашање. Тие се нашата иднина, зарем не?