Од собраниската каса почнаа да се исплаќаат патните трошоци за пратениците. Јавноста деновиве веќе дознава кои пратеници колкав надомест добиле за досегашното доаѓање на седниците. На врвот на почетната ранг-листа се најде пратеничка од Ресен на чија сметка до сега легнаал износ од една просечна македонска плата. Слини суми фршат и на други сметки на пратениците особено оние кои се од подалечните градови во Македонија.
Да споменуваме ли колку илјадници евра се дадоа за тоа на пратенициоте од минатиот пратенички мандат? Не, тоа ќе предизвика стрес кај секој граѓанин кој чесно ја полни државната каса. Но, затоа пак, да ги споменеме изборните ветувања баш на сегашните пратеници дека овој пат ќе се откажат од скапите патни трошоци.
И?
Исклучок за сега е пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јањушев кој се откажа од земање на овој надомест, а сличен чекор најавија и двајцата пратеници од „Левица“. Значи, работите со исплаќањето на патните трошоци пак си одат по старо.
Јавноста, периодично, само ќе се запознава со големите суми кои им се исплаќаат на пратениците по овој основ. А пред да се избере овој пратенички состав ветувањата беа поинакви – дека надоместокот ќе се укине, дека ќе се спречат маниупулациите. Актуелните премиер и вицепремиер Зоран Заев и Љупчо Николовски како тогашни пратеници се откажаа од правото на овие трошоци сакајќи да дадат пример. Но, очигледно, се остана на тоа. Како пречка сега се појави ставот на претседателот на парламентот Талат Џафери дека ако се укинат трошоците тогаш тој ќе бара укинување на службените возила за владините функционери.
И така…, ќе си тече мандатот, ќе си течат патните трошоци, ако нема пари ќе ни изгласаат ново задолжување…