Абердин размислува за трансфер на Миовски во Селтик

Бојан Миовски, македонскиот репрезентативец, поради повреда, синоќа не настапи на мечот Абердин – Ајнтрахт Франкфурт (2:0) во последното коло од групната фаза во Лигата на конференции (ЛК). Ѕвездата на тимот, Миовски доби поштеда поради повредата, но се очекува тој да настапи на неделниот финален меч во Лига купот на Шкотска против Ренџерс.

Миовски (24) кој сезонава постигна 12 гола на 25 настапи во сите натпреварувања сезонава, беше заменет во финишот од саботниот натпревар против Хартс (2:1).

Во меѓувреме не престануваат шпекулациите во шкотските медиуми за евентуален трансфер зимава на Миовски во Селтик.

– Абердин има деловна стратегија за трансфери на играчи според која во моменти кога ви одговара, продавате. Сепак, тоа треба да биде за сума која му одговара на клубот. Бојан во оваа и во минатата сезона покажа дека е напаѓач со врвен квалитет и не се сомневам дека ќе има фантастична кариера на највисоко ниво, изјави извршниот директор на Абердин, Алан Бароус за весникот „Дејли рекорд“.

Претходна вестИзраелскиот министер за одбрана: Војната против Хамас ќе трае повеќе од „само неколку месеци“
Следна вестМакедонија по втор пат ќе игра во Златната одбојкарска лига