Во новата сезона Илија Абутовиќ повторно ќе биде дел од македонскиот ракомет откако потпиша договор со Еурофарм Пелистер.
Абутовиќ во минатото го носеше дресот на Вардар, па поради тоа неговиот трансфер предизвика реакции во спортската јавност.
Преку социјалните мрежи на клубот, Абутовиќ денеска ги искажа и првите импресии од битолскиот клуб.
-Многу сум среќен што се вратив во Македонија и што повторно ќе играм во Лигата на шампионите со еден македонски тим. По тоа што го гледам, мислам дека ќе имаме добра и борбена екипа, со два добри голмани. Се надевам дека ќе извлечеме добар резултат во домашното првенство и Лигата на шампионите.
Цело време ги читам македонските медиуми, гледам натпревари. Го следев и македонското првенство, особено дерби пресметките. Ми се допаѓа што лигата е многу поправена и посилна, делува дека е апсолутно израмнето со четири-пет одлични екипи.
Ми делува дека ќе бидеме „тврд орев“ за сите и во Лигата на шампионите, особено дома. Мора да бидеме борбени и се надевам дека ќе направиме нешто добро, изјави Абутовиќ.
Во сезоната која следи Еурофарм Пелистер ќе ја брани шампионската титула освоена минатата сезона во Суперлигата.