Не е политичка одлука и нема ништо лично и ништо персонално во ставањето на бизнисменот Јордан Камчев на црната листа на САД, изјави на денешната прес-конференција американската амбасадорка Анџела Агелер. Таа рече дека во моментов има повеќе личности и организации што се разгледуваат, но дека сѐ уште е рано за да каже кое име ќе биде следно на листата.
– Не можам во моментов да кажам која личност ќе биде следна. Ова е многу сериозно назначување и има повеќе личности и организации кои во секој момент се разгледуваат. Но, пак ќе повторам, одлуката за Јордан Камчев не е политичка и нема ништо лично и персонално против бизнисменот. Злоупотребата на службената положба и овластување, перењето пари, митото, не само што ја нарушуваат довербата во правосудните институции туку претставуваат и предавство на граѓаните на оваа земја. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат институции во кои ќе имаат доверба, кои ќе ги следат демократските вредности, кои се транспарентни и не прават компромиси. Вие имате одлични закони, ама бадијала се одлични ако не се почитуваат и ако не се применуваат – рече амбасадорката на САД.
Таа додаде дека ставањето на одредени личности на црната листа не значи дека САД ќе ги апси тие луѓе.
– Сигурно нема да дојдат САД и да апсат некого или да преземаат мерки против некои личности, но интересно ќе биде да се видат следните чекори. Ние добивме можност да изнајдеме докази против овие личности и тие докази се собрани овде, во земјава. Одлуката дали ќе поведат постапки или ќе ги уапсат овие личности останува на институциите во државата. Институциите треба да ги слушнат граѓаните бидејќи јас гледам дека граѓаните се повредени од корупцијата. Тоа е должност на народот и новинарите да реагираат на институциите за нивните активности“, порача Агелер.
Коментирајќи го тоа што Рамиз Мерко остана градоначалник на Струга дури и по ставањето на т.н. црна листа, Агелер рече: „Ние не можеме да дојдеме во Северна Македонија и да уапсиме некого или да поведеме кривична постапка, но ќе биде интересно да видиме кои правни постапки ќе се иницираат.
-Најважното нешто е што сите овие одлуки било од Стејт департментот, Министерството за економија или друга институција се сто проценти неполитички и не е ништо лично. Ова е според правото на САД. Ние сме предводени од правото, ако институциите најдат докази за каква било злоупотреба, мора да реагираат и за индивидуите да преземат соодветни мерки, посочи Агелер.
Според амбасадорката, ова има многу сериозни финансиски импликации за индивидуите.
-Овој закон ги опфаќа и оние што работат со нив и имаат поврзаност со нивните активности, со средствата што им се блокирани. Голем дел од трансакциите на интернационалните банки оди преку САД, преку големите банки во САД. Импликациите се многу сериозни. Какво влијание ќе има тука – не знам, рече Агелер.