Од страна на граничната полиција на влез на градот Дебар при редовна контрола на товарно возило од Скопје утврдено е дека се врши нелегален превоз/транспорт на животни без соодветни документи за движење на животните (искористени сертификати за движење на животните од истата одгледувачница), со валидни пасоши за животните, објави Агенцијата за храна и ветеринарство.
При извршениот вонреден инспекциски надзор од страна на официјален ветеринар од подрачната единица на Агенцијата за храна и ветеринарство ( АХВ) од Дебар констатирано е дека се работи за превоз на 17 говеда (телиња) на старост од 8 до 10 месеци, со потекло од одгледувачници во село Витолиште, општина Прилеп.
Од страна на официјалниот ветеринар животните се одземени и предадени се на понатамошно постапување од страна на Агенцијата за одземен имот. Во текот на денешниот ден од страна на официјален ветеринар ќе биде постапено во согласност со надлежностите од Законот за ветеринарното здравство и Законот за идентификација и регистрација на животните.
Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека продолжува со бескомпромисната борба против корупцијата и справување со сите незаконски дејства од минатото.