Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) издаде забрана за промет на замрзнатиот зеленчуков микс „Сани фантази – Царски микс” по потекло од Република Србија, увезен од КАМ ДООЕЛ, поради сомнеж за физичка контаминација (присуство глушец) и нареди негово повлекување од рафтовите на КАМ маркетите на цела територија на државава.
Како што соопшти АХВ, издадена е наредба на операторот со храна да изврши сопствена проверка на секоја серија/лот од овој производ во сите маркети каде е пласиран.
Агенцијата апелира, доколку потрошувачите купиле ваков производ, пред консумација внимателно да го отворат и прегледаат, а ако утврдат присуство на страни тела, да го вратат на местото на купување и за тоа да ја известат АХВ, за да изврши вонредни инспекциски надзори и да провери дали пласираните количини од овој производ се повлечени од малопродажната мрежа.