Ако до 11 април не се договори зголемување на платите, наставниците и воспитувачите излегуваат на штрајк

СОНК одлучи од 11 април да се организира штрајк на вработените во образованието и градинките, а одлуката ја поддржуваат огромен процент на неговото членство затоа што не се исполнети барањата за зголемување на платите согласно минималната и соодветно усогласување на колективните договори во дејностите образование и детска заштита.

Од објавувањето на одлуката за генерален штрајк, синоќа околу 19 часот, досега СОНК не добил никаква порака или барање за работна средба, но се надеваат дека во наредниве денови ќе добијат, бидејќи последните неколку дена имало интензивни обиди за преговори со Владата кои беа безуспешни, соопшти Јаким Неделков, претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК.

-Без стартна позиција – сега и веднаш, што за нив е неприфатливо, ние не можеме ниту  да излеземе од закажаниот штрајк ниту, пак, можеме да разговараме за  одредени реформи кои ги предвидува Владата за наредниот период во дејноста образование. Затоа е битно сега да се зголемат платите за да имаме простор за да продолжиме. Во спротивно, ако немаме никакви предлози, како би можеле ние да го прекинеме штрајкот, рече Неделков на прес-конференција.

Советот на СОНК ги задолжил регионалните одбори да ги преземат сите неопходни подготовки за организирање и одржување генерален штрајк во градинките и во основните и средните училишта во кои има членови на СОНК, како и во установи каде што по пат на солидарност би се приклучиле и други вработени.

-Штрајкот би бил класичен, а тоа значи дека вработените кои ќе бидат во штрајк, нема да вршат прием на деца во градинките, нема да изведуваат настава и други активности што се поврзани со наставата, што би значело прекин на воспитно-образовниот процес, информираше СОНК.

На прашањето дали вработените кои не се членови на СОНК ќе имаат обврска да работат за време на штрајкот, Неделков одговори дека постои одредба во Законот за работни односи дека секој што не е член на организаторот на штрајкот или членува во друг синдикат, може солидарно да се приклучи кон штрајкот.

 

Претходна вестЛевица не го признава пописот, најави кривични пријави
Следна вестДемократски сојуз: Претежно Македонци, над 130.000 не се попишани