Ако дојдеме на власт, за две години ќе го завршиме автопатот Кичево-Охрид, вели Мицкоски

Автопатот Кичево – Охрид во должина од 57 километри кој се гради повеќе од 10 години ги проби сите рокови, на секои избори е како ветување, но никако да се реализира. Ревизијата на ,,Државни патишта” открива дека до сега за патот Кичево-Охрид до ноември лани биле инвестирани 575 милиони евра, а е реализирана изградба за 429 милиони евра или 72 % односно околу три четвртини од патот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вети дека кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт, до 2026-та година ќе бидат завршени автопатот Кичево – Охрид и експресните патишта. Mицкоски на вчерашната дебата „Инфраструктурна платформа за иднина“ на тема „Концепт за инвестиции во инфраструктурата“ која што се одржа во Другово, општина Кичево, рече дека со ВМРО-ДПМНЕ ќе биде многу поразлично, од она што беше до сега.

– До сега буквално немаме никакви победи како народ, како држава, туку нижеме порази, декаденција, срам, понижување, криминал, пљачка насекаде. И најчесто дури и оние малку проекти кои што беа реализирани во делот на инфраструктурата се проследени со многу сомнежи за сторен криминал и корупција, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека кога ќе дојдат на власт сиот криминал и корупција што се случил во делот на инфраструктурата детално ќе се истражи и ќе има одговорност за тоа.

Видеото „Стани Благоја, да те види сала“ заврши со една наредба која што требаше да биде реалност, а тоа е да автопатот Кичево – Охрид да биде завршен во јануари 2024-тата година. Сега сме веќе втора половина на февруари месец, а од автопатот нема ниту „А“. И е невозможно да има крај на тој проект во јануари 2024-та година. Зошто? Затоа што во овој момент кога ќе направите детална анализа и пресек до каде се градежните активности ќе заклучите дека тој е некаде 70-тина проценти завршен од тоа што треба да биде 100 отсто. Значи имаме некаде од прилика 30-тина проценти. И ние детално подготвувајќи се за оваа трибина, анализирајќи ја состојбата во која што денеска се наоѓа оваа патна делница истовремено имајќи јасен приказ со што располагаме како градежен капацитет можеме да излеземе со ветување кое што ќе биде дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата дека целосната делница ќе биде завршена и пуштена во употреба втората половина или би рекол крајот на 2026-тата година, вети Мицкоски.

Претходна вестОсмани се пишмани за пасошите?
Следна вестЗошто СДСМ и ДУИ не поддржуваат продолжување на важноста на пасошите без „Северна“?