Ако го видиш братот/сестрата дека греши, појди и укажи му. Ако не те послуша најди уште еден брат/сестра и двајцата појдете да им укажете. Ако повторно не се корегира тогаш најдете уште еден брат/сестра и тројцата појдете да им укажете. А зошто баш така учителе? – младиот свештеник го праша својот ментор и учител?
Општеството се заснова на систем на вредности. А што е систем на вредности? Збир на очекувано и посакувано поведение одобрено од сите членови. Во основа на вредносниот критериум стојат вредностите односно целите кон кои се стреми општествената акција. Општеството е рационално организирано само тогаш кога обезбедува непречен развиток на човечките вкупни креативни потенцијали, без оглед на тоа за какви определени историски моменти се работи.
Во праисторијата за лидери се избирале оние што биле најсилни и можеле да се изборат со мечка. Зашто тие можеле да го заштитат племето од предаторите. Понатаму се избирале оние со искуство кои знаеле да ги предвидат промените и годишните времиња, тоа биле возрасните. Едно време се избирале мудрите кои знаеле да преговараат и да се договорат со соседните племиња. Потоа оние кои можеле да соберат и мотивираат поголема војска, па кој имал повеќе злато да ја плати војската. Во индустриската револуција се избирале лидери кои знаеле да управуваат со администрацијата. Менаџерите знаеле да управуаат со комплексни процеси. Во последно време за лидери се наметнуваат оние кои знаат да ги манипулираат масите и да ги контролираат медиумите. Но какви лидери се неопходни?
Живееме во време на иновации. Кој поуспешно ќе се прилагодува на промените и кој ќе ги антиципира тековите и трендовите, ќе успее. Кој ќе успее да измисли нешто ново, нова потреба или нов производ или услуга тој ќе биде успешен. За иновација е неопходен слободен ум и креативност. Следствено се бараат лидери на кои може да им се верува. Кои знаат да креираат тимови од луѓе со различни способности и знаења, луѓе кои знаат и умеат многу повеќе од лидерите. Кои не се плашат од луѓето кои размислуваат поинаку, и кои на различните идеи ќе гледаат како на додадена вредност. За да привлечат такви луѓе кои вообичаено се слободоумни, лидерите мора да предизвикуваат чувство на доверба, да покажат лична морална стамина и предвидливост.
А доколку мислиш дека некој греши, а не успееш да најдеш соодветен број истомисленици подготвени да му укажат на грешката тогаш можеби си ти тој кој што греши и има погрешна перцепција – одговори мудрецот по долга пауза.