Ако има пожар во Клиниката за детски болести, нема да може да се изгасне на повисоките катови, предупреди денеска нејзиниот директор д-р Реџеп Мемеди. На прес-конференцијата тој рече дека во оваа здравствена институција многу работи се амротизирани и ризични за пациентите.
-Хидрофорот што обезбедува висок притисок за хидрантите што ни се по спратови во случај на пожар од 2018 година е надвор од употреба. Замислете, денеска да имаме пожар по спратови, ние немаме притисок, односно немаме вода за гасење пожар, позочи Мемеди.
Тој кажа дека во изминатиов период против него се води кампања против него и Клиниката иницирана од поединци кои имале лични интереси и болна намера за власт и позиција, преку злоупотреба на детски судбини.
– Тие поединци многу добро знаат дека за дезинформациите, клеветите и расистичките натписи, кривично се одговара и затоа, немаат смелост да излезат јавно со име и презиме, туку се кријат позади лажен „Фејсбук“ профил. Меѓу другото, имаше тенденција да се прикаже дека за време на моето директорување, што беше само три месеци во октомври, сега четири месеци, има голема стапка на смртност на Детската клиника, но фактите го говорат спротивното, рече Мемеди.
Во однос на смртноста на Детската клиника, Мемеди рече дека сега има двапати помала стапка на смртност во споредба со пред пет години.
– Од прикажаната табела со податоци од информатичкиот систем на Детската клиника, јасно се забележува дека сега имаме скоро двапати помала стапка на смртност во споредба со пред пет години, односно трипати помала смртност во споредба со пред девет или 10 години, кога имало во просек и по девет умирања месечно, т.е. на секој трет ден по еден смртен исход просечно, во време кога други директоруваа со Детската клиника и имаше друга власт во државата, рече Мемеди.
Во четирите месеци откако е директор рече дека наишол на многу наталожени проблеми, нерешени со години.
– Ќе потенцирам само дел. На пример, кујната каде се спрема храна за деца и за бебиња е во комплетна амортизирана состојба. Значи, со инвентар што е преку 20 години стар, што е тешко можно да се одржува по стандарди како што треба, со простории што се руинирани и замислете, во вакви простории на Детската клиника, со години се спрема храна за деца, ова не е високоризично? Автоматски, јас веднаш сум презел мерки – изготвување решенија и сега сме во фаза на решавање на овој проблем и просторно и во обезбедување комплетно нова опрема и инвентар. Ова е пумтна станица на Детската клиника, што има неколку пумпи за вода што секојдневно прават дефекти, секоја недела имаме проблем и недостаток на, одговори тој на новинарско прашање.
Прашан дали се барало одговорност, директорот рече дека за тоа треба да се погрижат надлежните институции.
– Јас барам решенија. Јас немам време да се бавам со истражувања и со работи што не се дел од мојата надлежност. Мојата надлежност и одговорност е да изготвам решение и што побрзо да ги решавам овие проблеми. Јас сум во тек и во тек е изготвувањето на решението и за кратко време, ние ќе обезбедиме комплетно нова пумпна станица со комплет нови пумпи и просторијата во смисла на изолација бидејќи таа станица е комплетно руинирана. Ова е вон функција. Ова треба да обезбеди комплетна функција за гасење пожари. Лифтовите се над 40 години стари, значи и двата лифта се вон функција и пред да дојдам јас на оваа функција. И никој не се нафатил да го решава овој проблем, а нашите пациенти се качуваат по скали. Затоа, јас не сум излегувал со шпекулации цело ова време, бавејќи се со изнаоѓање решенија за овие проблеми што се натрупани 40 години. Сега сум во фаза на проект и ќе монтираме комплетно нови лифтови, двата што се постари, другите два се надевам другата година ќе ги замениме, појасни Мемеди.