Ако СОНК не ја прифати понудата, МОН утре ќе види со колку наставници располага и како ќе оди наставата

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири очекува СОНК денеска да одлучи членството да се врати на работи и да се продолжи образовниот процес, но и социјалниот дијалог со Владата. Доколку синдикатот реши да продолжи со штрајкот и да не ја продолжи наставата, МОН утре ќе почне да собира информации дали и колку наставници се вратиле на работа и ќе одлучува како понатаму.

Ваквите пораки од министерот следуваат откако вчера на владина седница се донесе заклучок министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика да најдат начин во рамки на законските можности да се продолжи со наставата во школите и згрижувањето дечиња во градинките.

-Ќе ги разгледаме сите законски можности во делот на начинот реализација на наставата. Знам дека и денеска кога разговаравме, дел од наставниците кои беа вклучени во штрајкот, доброволно се вратени. Некои, можеби, не се сите задоволни со понуденото, но заради интересот на децата се вратени во образовниот процес. Утре ќе се собираат податоци за реалната ситуација, потоа ќе видиме. Се надевам дека ќе имаме позитивна одлука само за настава за децата во основните и средните училишта, изјави утрово Шаќири.

Враќањето во образовниот процес, повтори министерот, е важно поради роковите за матурантите, но и за сите деца бидејќи тие долг период беа надвор од училишните клупи поради ковид-пандемијата.

Иако СОНК не се согласи со понуденото покачување од 10 отсто и побара 18 проценти, министерот денеска одговарајќи на прашање во врска со вчерашниот заклучок на Владата со ребаланс на буџетот да се обезбедат пари за само 10 отсто повисоки плати, рече дека таков заклучок е донесен за да има писмен запис со оглед дека синдикатите како една од причините за одбивање на понудата го наведувале и тоа што нема писмен предлог туку само устен.

Во врска, пак, со заклучокот на штрајкувачите да им се платат само придонесите, Шаќири исто како и неговата колешка, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, порача дека тоа е она што го предвидува законот.

 

Претходна вестЦената на зејтинот ќе достигне најмногу до 154 денари
Следна вестДенеска нови цени на горивата