„Паркинзи на општина Центар“ или популарно накусо ПОЦ, е фирмата која како стопанственик со паркинзите во оваа општина, се погрижи да нема ниту една улица на која може да се паркира бесплатно. При тоа сумите за еден час паркирање се баснословни, што би рекле граѓаните, но најлошото се случува кога, несакајќи ќе ја згрешите зоната што сте ја внеле во СМС пораката при плаќањето на паркингот. Тогаш ни Господ не ви помага. Токму тоа се случи на екипата на „Скопско ехо“ среде работен ден.
На пример, ако плаќате паркинг на зоната 01 и по грешка впишете само 1 без нулата, почнува голготата за вас. Ако не се освестите дека сте згрешиле, веројатно за неколку минути, додека мислите дека паркингот ви е подмирен, всушност веќе тркалата ви се блокирани со „канџа“ и имате „поздрав“ во писмо на шофершајбната. Но уште поголема голгота е ако во истата секунда ја увидите грешката па сакате да им дојавите на ПОЦ дека веќе сте платиле како за зона 1, а се наоѓате на 01, па за разликата во цената од само 10 денари (60 ден. е за 1 час во зона 1, а 70 во зона 01) да не плаќате казна туку да регулирате преку нив.
Тогаш почнувате да вртите на бројот достапен и на социјалните мрежи и на нивната веб страна, нивниот кол-центар што инаку пишува дека работи 24/7. Оператор ве води низ процедурата што треба да притиснете за да зборувате во живо со агент. И кога ќе дојде до моментот да разговарате со човек, буквално со часови, може да слушате само “сите оператори се зафатени“ или некаква благопријатна музика. Веројатноста да не добиете никого додека седите паркиран, потејќи се да не ве казнат во исто време додека брзате да завршите работа – е речиси 100-процентна. Епилогот е: никој нема да ви крене слушалка.
Ако имате среќа ќе трчате да завршите работа и нема да најдете „канџа“ со казна кога ќе се вратите. Ако не ви се ризикува, ќе си платите дупло пишувајќи нова порака со вистинската зона на која се наоѓате. А најнесреќните се најбројни, за жал. Тие добиваат казна, ем „канџа“ на тркало, ем и паркинг претходно си платиле.
И не е само со плаќањето паркинзи проблемот. Правилото е и дека ако одите на гости кај некој во Општина Центар, имате право неколку часа да не платите паркинг ако се најавите во кол-центарот. И тогаш, веројатно ќе треба гостите да ги поминете стоејќи пред зградата или куќата на резидентот, стражарејќи да не ве казнат, оти на телефонскиот број никој никогаш нема да ви се јави.
Прашањата се: Како во ваква ситуација и кога некој сака да плати бива казнет односно не ја добива услугата која како фирма му ја гарантира ПОЦ? Зошто ПОЦ не одговара за наплаќањето неверојатно високи цени за паркинг, а автомобилите никогаш не се безбедни? Ги читате ли вие во ПОЦ воопшто поплаките и заканите од револтирани граѓани на вашите електронски пошти?