Алармот вришти: Вандалите се „главни фраери“ на скопските улици

Вандалите и насилниците си царуваат во Скопје? Едноставно, кога ќе им притреба залекување на сопствените фрустрации само си тргнуваат во кршење, палење, уништување на општествен-градски имот.

А на таквите лица фрустрациите и другите внатрешни проблеми им се големи, па прават и големи зулуми. И проблемот да биде поголем – разноврсни се во искажувањето на својата девијантност.

Последен таков испад е завчерашното искорнување на новозасадените дрвја во дворот на Основното училиште „Христијан Тодоровски – Карпош“. Вандалите ги искорнале дрвцата и ги оставиле да сведочат за нивното „херојство“.

До кога Скопје ќе страда од ваквите лица? Ќе биде ли откриен некој вандал и казнет соодветно за стореното?

Во Скопје насилството врз општествениот имот полека станува хоби на некои лица. Ќе се најде институција која ќе го сопре тоа?

Треба ли да потсетиме колку контејнери минатиов период беа запалени од пиромани? Може е доволно само да посочиме дека за годинава се предвидени околу 820.000 евра со кои ќе може да се набавуваат нови контејнери. Тоа го плаќаат останатиот дел од скопјани – оние чесните и мирните.

Треба ли да потсетуваме колку уништени детски игралишта има низ Скопје? Во Аеродром дури имаше и запалена детска лизгалка. И кошевите на новите игралишта веднаш страдаа.

Треба ли да потсетиме дека вандали лечеа комплекси и со уништување на убави летниковци на Водно и во паркот во Гази Баба?

Има многу уништен градски имот за набројување…

Прашање до полицијата и комуналните редари: Колкумина од насилниците беа откриени и казнети?

Прашање до родителите и училиштата: Разговарате ли доволно со децата – младите, ги воспитувате ли како што треба или оставате тоа да го стори улицата? Да напоменеме, на улицата „главни фраери“ почнуваат да биваат вандалите меѓу кои за жал има многу возрасни.

Претходна вестМакедонските одбојкари стартуваат во Европската златна лига 2024 со желба барем за една победа
Следна вестАкција за собирање на кабаст отпад во Кисела Вода