Албанскиот парламент ќе расправа за ниското ниво на Преспанско езеро, а македонскиот…

На утрешната пленарна седница на парламентот на Република Албанија во Тирана ќе се најде прашањето за состојбата со алармантниот пад на водата во Преспанско Езеро. До ова доаѓа по барање на Васил Стерјовски, пратеник од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција МАЕИ.

-На мое барање, во албанското Собрание министерот за туризам и животна средина, Бленди Клоси треба да даде објаснување какви мерки превзема министерството, тука вклучително и во соработка и со надлежните институции на Македонија и Грција за да се спречи алармантниот пад на водата во Преспанското Езеро и еколошката катастрофа што му се заканува. Од 2018 до денеска езерото е повлечено најмалку 200 метри, изјави Стерјовски за МИА.

Тој додаде дека министерот треба да објасни за разните проекти кои што се спроведуваат во Националниот парк „Преспа“, а кои не придонесуваат за намалување на сиромаштијата во областа на Преспа, ниту за заштита на животната средина во Националниот парк „Преспа“.

Да потсетиме, драматичното повлекување на водата од Преспанското езеро посебно е изразено во последните три месеци. За тоа сведочат и бројните фотографии кои на социјалните мрежи ги објавуваат посетителите на ова езеро.

– И додека сите молчат пред нас и пред наши очи се губи еден бисер…Тиња, кал и призорот дека тука имало вода, жалосна слика. Овој бисер моли и ја бара нашата помош, се вели во апелот на групата „Пријатели на Преспа“.

Но и покрај ова, македонските надлежни институции не реагираа многу околу ова.  Кон крајот на минатиот месец, Владата формираше работна група за утврдување на реалната состојба со водите во Македонија по алармот кој го вклучи ниското ниво на Преспанското езеро. Но, оттогаш нема најави за конкретни акции ниту, пак, расправа на ниво на Влада или на македонскиот парламент. Очиглено, на никој од нашите пратеници, а посебно на оние од Преспанскиот регион, не им текнува да побараат објаснување од најнадлежниот министер за животна средина за тоа што се случува и што ќе се преземе. Можеби утрешната расправа во албанскиот парламент ќе им послужи како пример што треба да се направи. Можеби.

Претходна вестПрофесорот Трајче 20 години покажува како се прави Скопје – зелен град, ама…
Следна вестОпштина Центар подели 150 пакети храна за пензионерите и згрижувачките семејства во Центар