Александар Стојановиќ, првенец на генерација на Факултетот за безбедност во Скопје, кој дипломирал со просечната оценка 9,93, не е примен на конкурсот на МВР којшто беше распишан пред две години!? Овој случај вчера во јавноста го изнесе токму дипломираниот криминалист Стојановиќ кој, во објавата на својот профил на социјална мрежа Фејсбук, ги изнесе и поединостите од конкурост и неостварените ветувања на раководството на МВР за вработување на најдобрите студенти. Тој наведува дека пред две години аплицирал за вработување во Министерството за внатрешни работи, како извршител со високо образование од областа на безбедноста, при што документите ги поднел во август 2021 година.
-Пред пред некој ден, на 23.06.2023 година, добив одговор дека не сум избран за натамошна постапка за вработување во МВР, при што документите ми беа вратени на домашна адреса. И се запрашав зошто сум одбиен? Дали е поради тоа што сум преквалификуван за да работам во МВР или во било која друга безбедносна служба во земјава? Се запрашав како може првенец на генерација на Факултет за безбедност – Скопје, со просечен успех од 9.93, со кристално чисто минато, да биде одбиен?, напиша во објавата Стојановиќ.
Тој потенцира дека ова не го пишува за да добие внимание и вработување бидејќи то авеќе не му е потребно оти како професионалец успеав да се вгради во приватниот безбедносен сектор.
-Го пишувам ова поради револт и незадоволство од институционалниот систем, од луѓето кои се на чело на институциите, од неправдата која им е нанесена на младите генерации. Го пишувам ова со цел сите луѓе да ја слушнат вистината, нагласи Стојановиќ.
Во објавата тој го прашува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски каде заминале ветувањата кои како министер за внатрешни работи ин ги дал на студентите на првиот академски час на Факултет за безбедност – Скопје, пред скоро 7 години, на 15.09.2016 година?
-Не знам дали се сеќавате, но рековте дека најдобро рангираните 5 студенти по просек од Факултет за безбедност – Скопје, ќе бидат директно вработени во МВР и во останатите безбедносни служби во земјава. Времето докажа дека тоа се само празни зборови и дека реалноста е дијаметрално спротивна. Не само што првите 5 најдобро рангирани не се вработени, туку и првиот најдобро рангиран не е вработен. Срамно и понижувачки, нагласува Стојановиќ.
Тој му се обрати и на деканот на Факулетот за безбедност Никола Дујовски.
-За жал, ги претворивте дипломираните криминалисти во костуми на закачалки, бидејќи очигледно ни вие, а ниту безбедносните институции, не сакате истите да ги ставите во употреба. Зошто? Бидејќи помеѓу тие костуми има многу млади и храбри луѓе, кои се подготвени за промени и кои си ја сакаат земјата, чија цел не е збогатување и кои не се водени од егоистични побуди. Со нетрпение ги очекувам вашите одговори, наведе во објавата Александар Стојановиќ.