Од понеделник 3 јули Општина Аеродром на увид пред граѓаните ќе го даде коригираниот ДУП за наслеба Лисиче откако по првичната верзија имаше бројни реакции и негодувања на граѓаните.
Од Општината најавија дека втората јавна анкета ќе започне в понеделник (3 јули) и ќе трае до 10 јули. Презентација на ДУП-от пак ќе има в среда (5 јули) во Основното училиште „Димитар Миладинов“.
-Во периодот од 3-ти јули (понеделник) до 10-ти јули, Општина Аеродром ќе спроведе втора јавна анкета која се однесува на коригираниот предлог за овој ДУП, кој е ревидиран и во себе ги опфаќа најголем дел од забелешките кои беа поднесени од жителите преку анкетните листови. Јавната презентација ќе се одржи на 05.07 (среда) во просториите на ООУ ,„Димитар Македонски“, а коригираниот предлог-план ќе може да се види секој ден за времетраењето на анкетата и рокот за поднесување на анкетните листови, соопштија од Општината.
Во изминатиов период жителите неколку пати протестираа поради тоа што во првичната верзија беа предвидени повеќе висококатници. Граѓаните сметаат дека овој ДУП, доколку се усвои, ќе ги направи затвореници во нивните домови, ќе го запре протокот на свеж воздух и сончевата светлина, односно ќе влијае врз квалитетот на животот во нивната населба. Од Општина Аеродром пак, уверуваа дека населбата ќе добие нов ДУП кој ќе биде во согласност со барањата на граѓаните и тврдеа дека новата верзија на урбанистичкиот план која е во фаза на изработка ќе ги опфати и забелешките на граѓаните.





