Со визија, работа, посветеност и доверба Скопје како носител на титутлата европска престолнина на културата за 2028 доби историска можност токму културата да стане двигател на урбаната трансформација и трајна основа за развојот на градот, нагласи градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на свечениот настан „Скопје – европска престолнина на културата 2028.
– Добар град не е само град со настани. Добар град е град во кој човек сака, пред сè, да остане. Град во кој јавните простори се безбедни, зелени, достапни и креативни. Град во кој културата не е луксуз, туку дел од неговото секојдневие – рече тој и додаде дека титулата европска престолнина на културата не смее да биде само едногодишна прослава, туку трајна промена во начинот на кој се разбира, управува и живее градот.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја нагласи целосната поддршка од Владата, институционална, финансиска и политичка и најави ревитализација на скопското Кале, конзервација на аквадуктот, реконструкција на Универзалната сала и отворање нови културни простори достапни за граѓаните.





