Ислам Махачев пред некој ден ги критикуваше УФЦ и Дана Вајт и рече дека неговата борба против Волкановски не била доволно промовирана, со што најмногу се согласија навивачите. Но, неговиот ривал Австралиецот со македонско потекло Александар Волкановски не се согласува дека промоцијата на настанот УФЦ 284 е лоша.
– Мислам дека е доволно. Очигледно некои луѓе го велат тоа, но јас не мислам така. Сè се тресе овде во Австралија. Ова е огромно нешто. Не знам како е во Дагестан или каде било на друго место, но тука само за тоа се зборува. Ова е многу голема борба и луѓето го разбираат тоа. Тоа ќе биде огромна можност за мене. Салата ја распродадовме за секунди, луѓето мака мачат да набават билети, изјави Волкановски за ЕСПН.
За борбата помеѓу Александар Волкановски и Ислам Махачев се зборува со месеци, а викендов конечно ќе бидеме нејзини сведоци. Борбата ќе биде ноќта од сабота кон недела.