Алтернатива вечерва ќе одлучи да или не во Влада

Партијата на Африм Гаши, Алтернатива, ќе одлучува дали ќе биде дел од Владата. За тоа вечерва на седница ќе одлучува највисокото партиско тело – Централен совет. На средбата закажана за вечер во 19 часот во седиштето на партијата во Тетово, како што најави партискиот портпарол Орхан Муртезани, ќе биде донесена конечна одлука, а повеќе информации ќе има на прес-конференција по завршувањето на седницата.

На состанокот на Централниот совет на Алтернатива  му претходеа три средби на Гаши со премиерот и претседател на СДСМ во оставка Зоран Заев на кои се дискутираше за учество на Алтернатива во Владата и поддршка на парламентарното мнозинство од нивните четворица пратеници.

По последната средба што се одржа во средата, од Владата соопштија дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации во СДСМ и Алтернатива и да се обезбеди потребното усогласување со цел постигнување договор за можна заедничка влада.

-На средбата е констатиран евидентен напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се и идеи и видувања од двете страни за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт. Разговорите, продолжуваат водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон  граѓаните и кон ЕУ за посветеноста во европеизирањето на Македонија, за унапредувањето на економскиот стандард и квалитетот на живот на граѓаните, информираа во соопштение од Владата.

Разговорите за евентуално ново парламентарно мнозинство и за влез во Владата на Алтернатива  уследија по неуспешната иницијатива во Собранието од страна на опозицијата за гласање доверба на Владата и повлекувањето на Беса од владиниот кабинет. И Алтернатива беше дел од опозицискиот блок потпишан за гласање недоверба на Владата, но Централното претседателство на партијата минатиот петок го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери, со премиерот и со евентуалниот нов мандатар за да се види каков е нивниот концепт за излез од политичката криза.

Претходна вестОблачно со северен ветар и температура до 14 степени
Следна вестВладата најверојатно ќе ги замрзне цените на основните производи