Македонскиот амбасадор во Албанија Данчо Марковски денеска треба да реферира пред министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски за спорниот попис во Албанија. Марковски беше повикан на консултации по пописот во Албанија, кој тамошните Македонци не го признаа и го отфрли како демографски инженеринг преку надворешното влијание. Се очекува да се констатира што се случувало пред пописот, што преземале македонските институции, какви биле насоките од МНР, но и како да се настапи понатаму.
Пописот, за кој се верува дека е под влијание на Бугарија, предизвика значително незадоволство кај Македонците и другите малцинства во Албанија, што поттикна повици за преоценување.
Во меѓувреме не стивнуваат реакциите од Македонците во Албанија. Претседателот на Македонската Алијанса за европска интеграција во Албанија, Васил Стерјовски вели дека најмногу се разочарани од албанските власти и најавува дека ќе се реагира и до албанските, но и до меѓународните институции.
-Од пописот сме незадоволни сите млацинства што постоиме во Албанија, единствено Бугарија е задоволна од пописот и тоа го призна уште незавршен дека Албанија спровела европски попис и дека ја има поддршката на Бугарија за нејзиниот европски пат и тоа го потврдува тоа што и ние го алармиравме за време на пописот дека целиот процес го контролира Бугарија и нивните инсталации во завод за статистика со попишувачите но и на терен. Она што ние сега се координираме со другите малцинства, секако поединечно ги кажавме ставовите дека бараме нов попис и ќе има заеднички реакции до албанските и меѓународните институции да не ги признаваат овие бројки затоа што тие не се реални и сакаме да се евидентираат од ЕУ, изјави Васил Стерјовски претседател на Македонската Алијанса за европска интеграција.
Не само македонското, туку и грчкото малцинство во Албанија не е задоволно од резултатите од пописот. Од Здружението на етничките Грци во Албанија, „Омонија“ резултатите ги нарекуваат “неосновани, нереални и неприфатливи во однос на демографијата на грчкото малцинство“.
Бугарија пак, задоволна од пописот во Албанија. Бугарскиот амбасадор во Тирана, искажа задоволство од пописните резултати и изјави дека со “овој процес се создале хармонични услови за жителите со бугарско потекло слободно да ја изразат својата етничка припадност…
Според податоците од спроведениот попис кои вчера ги објави албанскиот институтот за статистика ИНСТА, во Албанија живеат 2.281 Македонец, а како Бугари се изјасниле над 7.000 лица. Ова е првпат на попис во Албанија да се попишат лица од бугарска националност.