Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, утре доаѓа во посета на Скопје која ќе заврши в петок (25 август) за кога се предвидени најголем дел од средбите со неговите соговорници. Според најавите, американскиот дипломат ќе разговара со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Веста ја потврдија од кабинетот на шефот на македонската држава.
Посетата на Ескобар доаѓа по отпочнувањето на пленарната собраниска процедура за усвојување на уставните измени за внесување и на Бугарите во Уставот. Познато е дека дневниот ред беше усвоен со 70 гласа „за“ и дека по исцрпувањето на дискусијата за предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот, претседателот на парламентот Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.