Сомнежи дека во Институтот за јавно здравје е извршена саботажа со исклучувањето на еден фрижидер и една комора за чување на реагенси искажа денеска в.д. директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска. Таа рече дека очекува институциите да ги проверат нивните сомнежи за саботажа.
-Кај нас постои сомеж за извршена диверзија во текот на вчерашниот ден. Бев известена од страна на дел од вработените дека не функционираат дел од фрижидерите коишто се наоѓаат на еден од катовите на Одделот на микробиологија, поточно на Бактериологија. Се работи за еден фрижидер и една комора во посебна соба. Колку што сум известена, во овие фрижидери, т.е. во оваа комора се чуваат доста значајни реагенси кои би детектирале низа заболувања. Ние при самото наше доаѓање констатиравме дека се исклучени директно од бушони, има две разводни табли во тој ходник, а во тој ходник поминуваат сите коишто работат во овој дел и отворени се раводните табли. Двете разводни табли имаат стотици осигурувачи, а спуштени беа само тие што водат до фрижидерот. Тоа е претпоставка, ние оставаме тоа да се испита, дали е случајно, дали е намерно, оставаме да се испита, кажа Андоновска на денешната прес-конференција.
На новинарско прашање дали бројот на вработени кои имаат пристап до овие комори е ограничен или имаат пристап сите, Андоновска кажа дека ИЈЗ немал работни процедури.
Ова се случува само 5 дена откако Андоновска е назначена за директорка и откако таа алармираше дека претходното раководство не набавило реагенси за голема кашлица, во време кога во Скопје е прогласена епидемија на пертусис.
Во меѓувреме директорката Андоновска вели дека денеска се проверуваат сите реагенси зашто не може да се знае колку време фрижидерите биле исклучени, па следствено денеска мора да се провери и квалитетот на реагенсите.