Македонскиот атлетичар Андрас Трајковски не ги помина квалификациите во скок во далечина, односно го освои 22. место на Европското првенство (ЕП) во Рим. Трајковски беше во групата Б и успеа да скокне 7,73 метри, меѓутоа тоа му ја донесе 22. позиција од 29 натпреварувачи на ЕП.
Неговиот најдобар обид, во третата серија, беше за 22 сантиметри „покус“ од скокот на Србинот Страхиња Јованчевиќ (7.95 метри) кој како последен, 12-ти, успеа да обезбеди место во финалето на оваа дисциплина.
Најдобриот скок, кој го изведе Швајцарецот Симон Ехамер (8,41 метри) е најдолгиот скок во квалификациите на оваа дисциплина на европските првенства.
Вториот наш претставник Дарио Ивановски ќе ја претставува Македонија во полумаратонската трка на ЕП.
Фото: Архива