Дождот виде дека надлежните во Македонија тешко се справуваат со пожарите и реши да помогне. И за два – три дена ја реши загрижувачката ситуацијата. Само во првите двасетина дена од овој месец имаше 667 пожари, односно по триесетина дневно и во текот на кои изгореа илјадници хектари шума, полиња… Страдаа и куќи, друг имот на населението…
Она што го направи дождот им добредојде на сите. Оти состојбата беше неиздржлива. Пожарникарите беа доведени до ивица на силите, механизацијата исто така, пожарите се постихијни и по што не зачудуваа ниту вестите дека огинот ги гореше и пожарникарските возила…
-Засега можеме да здивнеме…, коментираше Стојанче Ангелов откако дождот го стивна пламенот.
Да, Македонија може да здивне, ама треба ли да здивне првиот човек на Центарот за управување со кризи или заедно со другите надлежни служби треба сега да запне во делот на реорганизацијата, доопремувањето…? Летните горештини наскоро пак ќе го сменат влажното време.
Дождот купи време за одмор на преморените пожарникари, другите ( читај- Дирекцијата, Владата…) треба да работат уште посериозно, оти не се работело на време и темелно во целата последна деценија. Овие масовни летни пожари, како и оние во изминативе години, на виделина ги изнесоа сите слабости – малубројни пожарникари, неефикасен систем организиран преку ЦУК и Дирекција за заштита и спасување, немање доволна заштита на теренот од пиромани, немање соодветен кадар, нема пилоти, застарена и недоволна опрема…
Пред некој ден Стојанче Ангелов (кој навистина беше растрчан при пожарите) се пожали дека ЦУК работи на шкрги и потребна е целосна промена на системот за управување со кризи, тој кажа и дека оваа институција служела за вработување на партиски кадри, а јазичари по професија работат како експерти за кризен менаџмент.
Епа, почна ли сето тоа да го менува? Епа, тој нели е неколку години директор на ЦУК?
Доста се чека на дождот, ајде нека се решаваат проблемите темелно, а не со гледање во небо дали ќе дојдат облаци.