Ангелов: Трите „Ер трактори“ се нефункционални, со само еден активен пилот авионите не смеат да летаат

– Државата располага со четири функционални хеликоптер за гаснење на пожари од кои три се во рамки на МВР и еден на Армијата, како и три „Ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување – ДЗС, но за жал во овој момент се нефункционални, предупреди денеска директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

-„Ер тракторите“ се нефункционални бидејќи двајца пилоти се во пензија, а Дирекцијата не смее да лета со еден пилот. И покрај напорите на директорот, овој проблем веќе 2-3 месеци не е надминат, Владата во заминување на ниту една седница не даде дозвола овие двајца пензионирани пилоти да бидат ангажирани со договор на дело. Верувам дека новата Влада на една од првите седници ќе најде решение за овој проблем. Денеска сме недоволно подготвени, но за максимум десет дена ќе бидеме драстично повеќе подготвени, кажа Ангелов, одговарајќи на новинарско прашање дали државата е подготвена за справување со летните шумски пожари.

Во ситуација, како што посочи Ангелов, кога не очекува топло и жешко лето, на ниво на државата моментално има 938 пожарникари, но потребни се уште 670 според информациите од сите територијални противпожарни единици. Најалармантна, според Ангелов, е состојбата во Пожарна Скопје.

-Апелирам до сите градоначалници да примаат млади луѓе кои што се здрави и можат да одговорат на гаснењето на пожари. Во овој момент просечна старост на пожарникарите е 42,5 години, изјави Ангелов.

Од опрема за гаснење на пожари на ниво на држава, располагаме со 105 цистерни со сопствени пумпи за гаснење на пожари, 33 авто-цистерни, кои носат вода, но немаат сопствени пумпи, понатаму имаме 48 противпожарни теренски возила за гаснење на пожари во шума и непристапни терени, како и 54 класични теренски возила со пумпи, 11 теренски возила, шест командни возила, две возила за превоз на луѓе и опрема и 191 пумпа.

Ангелов, исто така, повика за разумно користење на воздухопловите за гаснење на пожари, укажувајќи дека сите имаат одреден број на часови на летање, по што мора да поминат сервис и да не се доведе државата во ситуација поради интервенирање за помали пожари, да нема на располагање воздухоплови за гаснење пожари кога тоа ќе биде вистински потребно.

 

Следниот проблем со кој се соочува системот за справување со пожари е тоа што ЈП „Национални шуми“ има блокирана сметка и не може да обезбеди гориво за нивните возила и поради тоа не може да сметаме на нив.

–  Јас сум оптимист и верувам дека на првата седница на Влада нивната сметка ќе биде одблокирани за да можеме да сметаме на нивните тимови, изјави Ангелов.

Претходна вестПросечната плата во април 41.085 денари
Следна вестСтартуваше 24. Вардарска регата: На Владо Стојановски по 43 години ќе му се исполни желбата да доплови до Солун по Вардар