Спасувате од улица бездомно куче или маче, го лекувате, згрижувате, плаќате со сопствени пари за секоја интервенција и за тоа ви се појавуваат инспектори од Агенција за храна и ветеринарсво на врата, да ве проверат и да ве казнат!, алармира денеска здружението за грижа за животните Анима Мунди. Во нивното обраќање државната АХВ се обинува дека ги попречува нивните активисти да се грижат за бездомните животни преку стерилизација и вдомување. Ти укажуваат дека инспектори на оваа Агенција одат по ветеринарни амбуланти и усно даваат забрани ветеринарите да извршат стерилизација и/или микрочипирање на бездомно куче, доколку им го донесе активист или граѓанин. Ветеринарите под притисок од инспекции и казни, не стерилизираат и не чипираат бездомни животни, иако тоа е единствениот начин за воспоставување на контрола на популацијата на бездомни животни, помогната од страна на граѓаните.
-Бараме одговор веднаш, кој и согласно кој закон изигрува шериф, заплашува, спречува стерилизации кои ги плаќаме од сопствен џеб, оневозможува да чипираме/вдомуваме што е исклучиво во интерес на градот, граѓаните, државата; во интерес и на сите кои седат во институции, а ние им го одработуваме она за што се платени! Се оди во насока да животните скапуваат, умираат пред наши очи, но да никој од граѓаните не смее да им помогне, стерилизира, ги вдоми. Размислете, кој не сака да ги тргне животните од улица? Кому му одговара да има кучиња на улица?, прашуваат од „Анима мунди“.
-Бараме итно АХВ, директорот да се оградат и осудат јавно ваквите постапки со кои бескруполозно се крши закон и нанесува штета на животните, граѓаните, целата држава! Сите инспектори кои злоупотребуваат работна позиција во иднина ќе ги посочуваме со име и презиме, јавно, предупреди организацијата.