Нивото на толеранција во земјава е ниско, покажала анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка кој ги истражуваше толеранцијата и вредностите на граѓаните. За МЦМС анкетата ја спровела агенцијата М-Проспект во ноември 2021 година, на репрезентативен примерок од 1.007 испитаници. Прашањата во анкетата се врзуваа за социјална дистанца со соседите, традиционални и секуларни вредности, односот кон природата и гржата за животната средина…
-Големо мнозинство граѓани не сакаат да имаат соседи кои се зависници од дрога (91 процент), зависници од алкохол (88,6 проценти), луѓе со криминално досие (82 проценти), припадници на ЛГБТИ заедницата (81 процент) и лица заболени од ХИВ (77 проценти). Мнозински, односно над 50 проценти се и одговорите кои се однесуваат на Ромите, имигрантите, лицата со хендикеп и припадниците на субкултурните групи. За граѓаните, помал проблем е ако соседите им се од друга вера, етничка припадност (освен Роми), друга политичка ориентација од нивната или невенчани парови кои живеа заедно, покажуваат резултатите на истражувањето на МЦМС „Толеранција и вредности на граѓаните”.
Ставовите во 2021 година спрема ставовите во 2010 г. покажуваат стабилност во неоправданоста на абортус (околу 75 отсто) и хомосексуалност (околу 88 отсто), зголемување на неоправданоста на еутаназијата (од 73 проценти на 79 отсто), а намалување на неоправданоста забележана кон развод (62.1 процент спрема 67.6 отсто) и проституција (од 94.8 отсто на 88.2 проценти).
Секој петти граѓанин ги гледа политичките партии во улога на најголеми поддржувачи на потребите, лични и оние на заедницата. Речиси изедначена е перцепцијата за црквите и верските организации и граѓанските организации и се движи меѓу 15 и 17 проценти.
Прашани и за односот кон природата и грижата за животната средина, речиси половина од граѓаните (49,5 проценти) велат дека загадениот воздух е најголем предизвик за животната средина. За околу една четвртина тоа е загадувањето на водите (реки, езера) и водата за пиење, а на трето место (18,1 процент) е загадувањето на почвите и депониите. Скоро половина ги посочиле граѓаните како најодговорни за состојбата со животната средина, а мало малцинство одговорноста ја гледаат кај државата и општините.